- Сигурен сум, ова го кажувам како стар лисец кој многу видел во дипломатијата и, всушност, повеќе од кој било од сегашните Европјани на власт, дека прекин на огнот и мир во Украина ќе се постигнат ако се одржи средба на рускиот и американскиот претседател. Значи, телефон нема да помогне, рече Орбан во интервју за Јутјуб каналот „Патриота“.
Според него, ако почнат директни преговори, тогаш прекин на огнот „може да се постигне многу брзо“, но ако „нема лична средба, тогаш ситуацијата ќе биде жестока како што е сега уште многу месеци“, пренесува Спутник.
Тој во истото интервју го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „комичар“, велејќи дека тој претставува нов вид „политичар-инфлуенсер, актер или комичар“.
Орбан рече дека претходното искуство на Зеленски во комедијата и глумата „не му помогнало во она што сега мора да го прави, особено не среде војна“.
Унгарскиот лидер изјави дека Зеленски „глуми претседател“, додавајќи дека тие двајца „не успеале да разговараат во подлабок контекст“.
Орбан додаде дека неговите посети на Украина, Русија, Кина и САД пред една година имале за цел склучување мировна иницијатива, но дека бил „одбиен“ во Киев.