И мајките и татковците ќе имаат право на вкупно 17 недели платено отсуство по раѓањето на детето. Ова ја става Шпанија меѓу земјите со најдарежливи системи за родителски бенефиции во Европа, пишува Ројтерс.
Заедно со Финска, таа е единствената членка на Европската унија што ги става двајцата родители во еднаква положба, со целосно платено отсуство, што се смета за важен чекор кон родовата еднаквост.
„Шпанија го тргна патот на феминизмот и еднаквоста и нема враќање од тој пат. Четириесет проценти од мажите сега користат родителско отсуство, а ова е успех на феминистичката политика“, рече министерката за труд Јоланда Дијаз.
Дополнителни две недели
Покрај основното отсуство, родителите ќе имаат право на дополнителни две недели платено отсуство, кое можат да го користат во секое време додека детето не наполни осум години.
Оваа мерка е сепак поскромна од изборното ветување на владејачката партија во 2023 година, кога планираа 20 недели. Предлог-законот сè уште треба да биде одобрен од парламентот. Владата на премиерот Педро Санчез зависи од поддршката на другите партии, а крајно левичарските Подемос бараат уште подолго отсуство. Дијаз, сепак, тврди дека реакциите на парламентарните групи се претежно позитивни.
Некои земји, како што се Хрватска, Ирска и Бугарија, нудат подолго породилно отсуство на мајките. Но, Шпанија е предводник во однос на дарежливите права на татковците, што го поттикнува нивното поактивно вклучување во грижата за децата уште од рана возраст.