Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на прес-конференција ќе зборува за својот план за заземање на градот Газа, кој го оспоруваат неговите крајно десничарски сојузници и семејствата на заложниците, во пресрет на денешната вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата на таа палестинска територија.
Прес-конференцијата ќе се одржи во Ерусалим во 16:30 часот по локално време (15:30 часот по средноевропско време), објави неговата прес-служба.
По 22 месеци војна, Нетанјаху се соочува со интензивен притисок во Израел за судбината на 49 заложници кои сè уште се во рацете на палестинското движење Хамас, како и во странство за да се стави крај на војната во опустошениот Појас Газа, каде што според Обединетите нации, два милиони Палестинци се изложени на ризик од глад.
Според планот одобрен завчера од израелскиот кабинет за безбедност, по речиси целовечерни разговори, армијата се подготвува да ја преземе контролата врз голем дел од опустошениот град Газа, додека во исто време „ќе дистрибуира хуманитарна помош надвор од конфликтните зони“.