На денешен ден Бутан ја забрани продажбата на тутун - 20 години подоцна таквата мерка не ги даде посакуваните резултати

17.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
На денешен ден Бутан ја забрани продажбата на тутун - 20 години подоцна таквата мерка не ги даде посакуваните резултати

Согласно Законот за контрола на тутунот, и покрај тоа што пушењето не беше прогласено за нелегално, цигарите веќе не можеа да се купуваат од продавниците, а увозот на тутун беше строго ограничен, па граѓаните можеа да внесуваат само мали количини тутун, и тоа со високи давачки и под строги правила.

Според властите, оваа мерка, спроведена од страна на Бутан, е одлична превенција против растот на ракот на белите дробови и другите болести поврзани со тутунот. Целта беше долгорочно намалување на потрошувачката и заштита на јавното здравје, но наместо тоа забраната отвори можност за нелегален пазар. 

Тутунот почна масовно да се криумчари, најчесто од соседна Индија, а државата воведе засилени гранични контроли и дополнителни инспекции, што значително ги зголеми трошоците за спроведување на Законот.

Но и по сите преземени мерки, податоците покажаа дека потрошувачката не е намалена, особено кај младите, напротив - цените на црниот пазар нагло пораснаа, а најголемиот товар го понесоа посиромашните граѓани. 

За време на пандемијата на Ковид-19, властите привремено ја ублажија забраната и дозволија контролирана продажба на тутун во државните продавници. Причината не беше промена на здравствената политика, туку стравот дека криумчарењето преку индиската граница може да придонесе за ширење на вирусот.

Со тој потег, Бутан првпат јавно призна дека строгата забрана има сериозни несакани последици. 

Денес во земјата сè погласно се води дебата за натамошно намалување или целосно укинување на забраната. Искуството покажа дека дури и најстрогите мерки не гарантираат исчезнување на навика што милиони луѓе ширум светот не сакаат или не можат да ја напуштат. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата