„Монструмот од Авињон“ повторно на суд- го тужи ќерка му дека ја дрогирал и силувал

6.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Монструмот од Авињон“ повторно на суд- го тужи ќерка му дека ја дрогирал и силувал

Ќерката на осудениот француски силувач Доминик Пелико, позната како „Монструмот од Авињон“, поднесе тужба против нејзиниот татко обвинувајќи го дека ја дрогирал и сексуално ја нападнал, неколку месеци откако беше осуден на затвор за дрогирање и силување на нејзината мајка Жизел Пелико.

46-годишната Керолин Даријан рече дека верува дека нејзиниот татко ѝ давал седативи и сексуално ја нападнал или силувал во можен период од десет години, помеѓу 2010 и 2020 година, кога таа имала триесет години. Таа рече дека поднела правна пријава за сексуален напад до обвинителството „како порака до сите жртви дека никогаш не смеат да се откажат“.

Жизел Пелико минатата година стана феминистичка хероина затоа што инсистираше на јавно судење на нејзиниот поранешен сопруг. Тој беше осуден на 20 години затвор за дрогирање и силување, како и поканување на десетици мажи да ја силуваат додека таа била во несвест во нивниот дом на југот на Франција, во текот на речиси една деценија од нивниот брак.

Вкупно 50 мажи, меѓу кои медицински техничар, војник, новинар и затворски чувар, беа осудени за силување, обид за силување или сексуален напад откако Доминик Пелико контактирал со мажите преку Интернет и ги повикувал да ја силуваат неговата дрогирана сопруга.

Меѓу деталните записи што ги чувал Пелико се и сликите на неговата ќерка, Керолин Даријан, гола или делумно гола. Таа пред судот изјави дека на две од фотографиите била онесвестена на креветот, облечена во долна облека која не ја препознала како своја, во поза во која никогаш не спие. Таа изјавила дека е сигурна дека била дрогирана и веројатно злоставувана.

Доминик Пелико беше осуден за непристојни слики на Керолин Даријан кои ја нарушија нејзината приватност, но тој не беше обвинет за дрогирање, силување или сексуален напад на неговата ќерка.

На судењето тој постојано тврдеше дека „никогаш не ја допирал“ својата ќерка. Таа во судницата му рекла: „Знам дека ме малтретираше, немаш храброст да го признаеш тоа“.

Даријан за агенцијата Франс прес изјави: „Да, тој негираше, но исто така постојано лажеше и даваше различни верзии на приказната во текот на две и пол години од истрагата“.

Таа рече дека првичната истрага не ѝ давала приоритет на нејзиниот случај или доволно ги решавала нејзините наводи за дрогирање и сексуална злоупотреба. Таа тврдеше дека не била подложена на токсиколошки или гинеколошки прегледи од вештаци.

Нејзината адвокатка, Флоренс Ролт, оваа недела рече дека наводите мора да бидат истражени „сериозно и темелно“.

Беатрис Заваро, адвокатка на Доминик Пеликао, изјави за BFMTV дека тужбата „не е изненадување“ бидејќи Даријан веќе изнесе наводи на судењето.

Заваро додаде дека државниот обвинител пред минатогодишното судење изјавил дека нема доволно докази за да се гони Пелико по тие обвиненија.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата