Предупредувањата за цунами беа укинати долж Пацификот во средата, со што милиони евакуирани граѓани можеа да се вратат дома, откако еден од најсилните земјотреси досега регистрирани го погоди крајбрежјето на Русија, пишува Гардијан.
Земјотресот со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди слабо населеното подрачје на полуостровот Камчатка, предизвикувајќи предупредувања за цунами и масовни евакуации од Јапонија преку САД па сè до Еквадор.
Се очекуваа бранови високи до четири метри во некои делови од Пацификот, откако плиткиот земјотрес удрил во средата наутро.
Во Јапонија, речиси два милиона луѓе добија наредба да се искачат на повисок терен, пред да бидат намалени или укинати предупредувањата. Нуклеарната централа Фукушима во североисточна Јапонија која беше уништена во земјотресот и цунамито во 2011 година, беше привремено евакуирана.
Според локалните медиуми, единствената пријавена жртва е жена во Јапонија која загинала откако со автомобилот излетала од карпа додека се обидувала да избега.
Во Чиле, властите спроведоа „можеби најмасовна евакуација досега“, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, со 1,4 милиони луѓе кои беа упатени кон безбедни, повисоки подрачја. Чилеанските власти не пријавија жртви ниту оштетувања, а регистрираа бранови високи само 60 сантиметри на северното крајбрежје.
Во Галапагос, каде што се очекуваа бранови до три метри, завладеа олеснување откако океанографскиот институт на еквадорската морнарица соопшти дека опасноста е помината.
Жителите пријавиле дека нивото на морето најпрво се повлекло, а потоа нагло се зголемило, појава типична при цунами. Но, забележан бил само еден бран нешто повисок од еден метар, кој не предизвикал штета.
Најголема штета беше пријавена во Русија, каде што цунамиот го зафати пристаништето Северо-Курилск и го поплави локалниот риболовен погон, соопштија властите. Државната телевизија прикажа снимки на згради и остатоци од инфраструктура повлечени во морето.
Брановите стигнале до споменикот од Втората светска војна, околу 400 метри од брегот, изјави градоначалникот Александар Овсијаников. Иако бил еден од најсилните земјотреси од 2011 година, кога загинаа 15.000 луѓе во Јапонија, штетата во Русија била ограничена, а повредите лесни.
Набргу по потресот, руски научници потврдија дека еруптира вулканот Кључевској. „Црвено-жешка лава се слева по западната страна. Над вулканот има силен сјај и експлозии“, соопшти Геофизичкиот институт на Русија.
Тоа беше најсилниот земјотрес во регионот Камчатка од 1952 година, соопштија регионалните сеизмолози, предупредувајќи на можни последователни потреси со јачина до 7,5 степени.
Американската геолошка служба (USGS) информираше дека овој потрес е еден од 10-те најсилни земјотреси од 1900 година наваму. По него следеле десетици потреси вклучувајќи и еден со јачина од 6,9 степени.
Проценуваат дека постои 59 отсто веројатност за нов потрес посилен од 7,0 степени во текот на следната недела.