Некогашната типична данска евроскептична политичарка со текот на годините ги менуваше своите ставови и погледи кон ЕУ, за денес таа себе си да се нарекува „убедена Европејка“.
Фредериксен во минатото често гледаше со резерви кон политиките на ЕУ и изразуваше и сомнежи кон нив, но во следните шест месеци таа „ќе ги засука ракавите“ заедно со Европската комисија за да работи на поддршка на Украина, зголемување на трошоците за одбрана, поттикнување на климатската акција и справување со илегалната миграција.
Според професорката по европска политика на Универзитетот во Копенхаген, Марлен Винд, ваквата еволуција во ставовите на Фредериксен е резултат на променетиот геополитички пејзаж во современиот свет.
- Мислам дека таа (промена) првенствено е водена од несигурноста и сфаќањето дека сме сами и повеќе не можеме да сметаме на Американците, оценува Винд.
Таа смета дека Фредериксен сега е „на штрек“ како резултат на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на контролата врз данскиот остров Гренланд, на руската агресија врз Украина и на зачестените хибридни напади во северна Европа.
Фредериксен беше позната по нејзиниот тврдокорен пристап кон миграцијата, нетипичен за европското семејство на кое му припаѓа – Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), чие спроведување стана еден од нејзините приоритети кога беше избрана за лидерка на партијата Социјалдемократи (С) во 2015 година, во време кога екстремната десница во Данска бележеше подем врз наративот за справување со мигрантскиот прилив.
Таа промовираше контроверзни планови за депортирање на илегални мигранти во Руанда и за намалување на бројот на дозволи за азил, тврдејќи дека мигрантите „ги поткопуваат правата на данските работници“. Ваквите ставови резултираа со привлекување на дел од данските гласачи, кои поради миграцијата дотогаш беа свртени кон екстремно десничарската Данска народна партија (ДФ) и овозможија да стане данска премиерка во 2019 година.
[Кабинетот на данската премиерка Мете Фредериксен денеска соопшти дека ѝ бил исчашен вратот во вчерашниот напад од маж во центарот на Копенхаген.]
Заложбите на Фредериксен за тврдокорни европски решенија за миграциските прашања наидуваа на симпатии од десницата, но ја ставија во конфликт со голем дел од останатите европски социјалдемократи, пред се со шпанскиот премиер Педро Санчез, кој застапува демографски и економски аргументи за прифатот на мигранти.
Аналитичарите оценуваат дека со својата чудна комбинација на заложби за значајни климатски цели и рестриктивни мерки кон миграцијата, Фредериксен потсетува на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која, исто така, својот прв мандат на функцијата го започна во 2019 година.
Винд смета дека и Фредериксен и Фон дер Лајен „се движат во насоката кон која се движат гласачите“, макар и тоа да било в десно, како што е случај сега.
Според аналитичарите, за време на својот премиерски мандат Фредериксен стана „поевропски ориентирана“, но во исто време и Европа стана „поданска“ во врска со некои клучни прашања, како миграцијата.
Ваквата политичка трансформација на Фредериксен и овозможи нејзината партија и натаму да остане најпопуларна во Данска и и дава реални шанси да ја задржи премиерската функција и по парламентарните избори следната година.
Инаку, во моментов жени се наоѓаат на три од четирите најважни функции во ЕУ – Фредериксен како претседавач со Советот на ЕУ, Фон дер Лајен како претседателска на Европската комисија и Роберта Мецола како раководителка на Европскиот парламент. Единствениот „џентлмен“ во овој лидерски „квартет“ на ЕУ е претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.