Повеќе од шест часа разговори и една кратка пауза засега не се доволни за конкретен епилог од средбата меѓу американската и украинската делегација во Саудиска Арабија.
Влогот е голем, а клучната цел на разговорите во Џеда е да се види колку Киев е подготвен да отстапи од актуелните црвении линии за да се дојде до прекин на огнот. На маса се американскиот двоец МаркO Рубио-Мајк Волц наспроти украинскиот тим, составен од шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак и министерите за надворешни и одбрана, Сибиха – Умеров. Новинарите и на паузата не успеаја да откријат многу.
-Секретаре, Рубио, како помина состанокот? Дали помина добро, г-не Волц? –Се движиме натаму. , изјави Мајк Волц, советник за национална безбедност
Во пресрет на состанокот Рубио индиректно навести дека Киев ќе треба да се откаже од дел од окупираните територии, зашто како што образложи, Украина во догледно време тешко ќе може да ги принуди Русите да се повлечат од позициите. Од разговорите ќе зависи и дали САД ќе ја возобнови неодамна прекината воена помош и споделувањето на разузнавачки информации со Украина. Украина на средбата, според најавите, на маса става делумен предлог за прекин на огнот, кој предвидува да престанат нападите со дронови и со ракети со долг дострел на територијата на Црното море.
-Ние сакаме и сме подготвени да направиме се за постигнување мир. Ние сакаме оваа агресија никогаш повторно да не се повтори во иднина. , изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на Зеленски
Сенка на разговорите непосредно пред нивниот почеток фрли досега најголемиот украински напад со дронови врз Москва и врз уште три околни региони. Најмалку тројца загинаа, а 20-ина се ранети во атакот со стотици беспилотни летала кој ги затекна граѓаните в постела.
-Имаше силна експлозија, беше околу 5 наутро или нешто подоцна. Сите станавме да видиме што се случува. Видовме многу дронови кои летаа кон центарот. , вели жителка на Москва
Кремљ соопшти дека во нападите биле соборени 340 украински дронови од руска страна, а во однос на разговорите во Џеда оцени дека тие треба да покажат дали Украина навистина сака мир.