Макрон до Карни: Франција и Канада се сили на мирот и бараат јасни обврски од Русија

17.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Макрон до Карни: Франција и Канада се сили на мирот и бараат јасни обврски од Русија

Франција и Канада се сили на мирот и бараат од Русија јасни обврски за постигнување траен мир, изјави денеска францускиот претседател, Емануел Макрон, за време на средбата со новиот канадски премиер, Марк Карни, што се одржа во Елисејската палата, пренесоа француските медиуми.

За време на средбата Макрон истакна дека Франција и Канада се сигурни сојузници, мислејќи и на членството на двете земји во Алијансата, но и на билатералните односи меѓу нив.

-Канада и Франција сакаат траен и цврст мир, придружен со цврсти гаранции кои ќе ја заштитат Украина од нова руска агресија и ќе овозможат да се гарантира безбедноста на цела Европа, рече францускиот претседател.

„Во овој дух ќе ја одржуваме безбедноста на Украина и ќе продолжиме да бараме јасни обврски од Русија“, додаде тој.

За време на средбата во Париз,пак, премиерот Карни рече дека неговата земја сака да ги зајакне врските со сигурни сојузници, како што е Франција.

Тој нагласи дека тој и Макрон го поддржуваат суверенитетот и безбедноста на Украина.

Британските медиуми пренесуваат дека освен за украинското прашање, Макрон зборувал дека трговијата што се придржува до меѓународните трговски правила е поефикасно средство за просперитет од царините, изразувајќи уверување дека на истото мислење е и канадскиот премиер.

Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на Канада и на ЕУ со царини и воведе царини за алуминиум и челик. Тој и се заканува на Канада со посебни царини, како и на Франција со високи царини за француското вино и шампањ, потсетуваат агенциите.

Ова е прва посета на Карни во странство откако минатата недела положи заклетва како премиер на Канада, на местото на Џастин Трудо.

По Париз, Карни заминува за Велика Британија.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата