МААЕ предупредува на ризик од нуклеарен инцидент во Украина поради руските напади

4.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МААЕ предупредува на ризик од нуклеарен инцидент во Украина поради руските напади

- Јасно е дека опасностите за нуклеарната безбедност продолжуваат да бидат многу реални и секогаш присутни. Моите тимови известуваат дека ова беше најинтензивниот ден со аларми за воздушни напади што го доживеале од крајот на минатата година, изјави Гроси, за време на неговата еднодневна посета на Киев.

Тој рече дека присуството на агенцијата во нуклеарните објекти останува суштинско за да се спречи нуклеарен инцидент. Тимовите експерти на МААЕ, стационирани во две од оперативните нуклеарни централи во Украина, мораа да се засолнат до три пати во текот на денот со невообичаено голем број предупредувања за воздушни напади, јави ДПА.

Гроси исто така рече дека е клучно да се почне со подготовка за идната реконструкција на енергетската инфраструктура на Украина, процес во кој МААЕ би можела да игра важна улога.

МААЕ одигра централна улога во следењето и обезбедувањето на состојбата и безбедноста на украинските нуклеарни централи од почетокот на руската инвазија.

Агенцијата редовно испраќа тимови експерти на локациите на оперативните реактори во Ривне и Хмељницки и има постојано присуство во нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од руски трупи од 2022 година и беше исклучена поради безбедносни причини.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на X напиша дека сите руски напори за рестартирање на електраната Запорожје без учество на Украина се „апсурдни и опасни“ и повика на непречен пристап на МААЕ до локацијата.

Украина се потпира на нуклеарна енергија за повеќе од половина од своите потреби за електрична енергија. Русија постојано ги таргетира електраните и енергетската инфраструктура на земјата во обид да го наруши снабдувањето.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата