Денеска е историски момент кога отвораме ново поглавје во односите меѓу Европската Унија и Индија во трговијата, во безбедноста и во врските меѓу луѓето, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта по завршувањето на Самитот ЕУ-Индија во Њу Делхи.
- Нашиот Самит испраќа јасна порака до светот дека во време кога глобалниот поредок фундаментално се преобликува, Европската Унија и Индија стојат заедно како стратешки и сигурни партнери, рече Кошта.
Тој нагласи дека како некој чии корени потекнуваат од индиската сојузна држава Гоа, ова партнерство меѓу Европа и Индија за него има посебно и лично значење.
- Денес, го креваме нашето партнерство на следно ниво. Како две најголеми демократии во светот, ние работиме заедно за да обезбедиме конкретни придобивки за нашите граѓани и за да обликуваме отпорен глобален поредок што ги поткрепува мирот и стабилноста, економскиот раст и одржливиот развој, истакна Кошта
Според него, Европската Унија и Индија мора да работат заедно во остварување на заедничкиот просперитет, за што дополнително ќе придонесе и денеска постигнатиот Договор за слободна трговија, со кој се создава пазар од две милијарди луѓе.
Но, како што нагласи Кошта, просперитет не е можен без безбедност, па затоа е потребно зајакнување на соработката меѓу ЕУ и Индија за подобра заштита на граѓаните и заедничките интереси, за справување со целиот спектар на безбедносни закани во Индо-Пацификот, во Европа и низ целиот свет и за достигнување на ново ниво на меѓусебна стратешка доверба.
- Тоа е значењето на нашиот Договор за партнерство за безбедност и одбрана. Прва таква сеопфатна рамка за одбрана и безбедност меѓу Индија и Европската Унија и прв чекор кон уште поамбициозна соработка во иднина, истакна Кошта.
Тој нагласи дека како најголеми демократии во светот и поборници на мултилатерализмот, Европската Унија и Индија ја делат одговорноста за почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН и посветеноста на поддршката на напорите за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина.
- Мир што целосно ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ова е клучен момент. Ги поддржуваме сите напори за постигнување праведен и одржлив мир. Украина ја покажа својата подготвеност, вклучително и по цена на тешки компромиси, истакна Кошта.
Според него, во актуелните геополитички услови Европската Унија и Индија мора да покажат лидерство во однос на глобалните прашања и да помогнат во обликувањето на поизбалансиран, поотпорен и поинклузивен глобален поредок.
- Денеска имаме опиплив напредок и поставуваме пример за кооперативно лидерство во однос на глобалните прашања. Со нашиот Договор за слободна трговија, нашето Партнерство за безбедност и одбрана и нашата Заедничка стратешка агенда за 2030 година. Овие резултати се клучна пресвртница на подолг пат. Со нетрпение очекуваме да го продолжиме патувањето. Заедно, како и секогаш, додаде Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека денеска ЕУ и Индија ги жнеат плодовите на посветеноста на меѓусебната соработка со постигнувањето на Трговскиот договор – „мајката на сите договори“.
- Создаваме пазар од две милијарди луѓе. Ова е приказна за два гиганти – втората и четвртата најголема економија во светот. Два гиганти кои избираат партнерство на вистински начин од кој сите добиваат. Силна порака дека соработката е најдобриот одговор на глобалните предизвици, рече Фон дер Лајен.
Со овој трговски договор, според неа, дополнително ќе се интегрираат синџирите за снабдување и заедничката производствена моќ на Европа и Индија, ќе се намалат годишните царини за извозниците за четири милијарди евра, ќе се отворат работни места за милиони работници, ќе се поттикнат иновациите и истражувањето и ќе се спојат индиските вештини и услуги со европската технологија, капитал и иновации.
Фон дер Лајен додаде дека на овој начин не само што ги зајакнуваат своите економии, туку ЕУ и Индија преку партнерството за безбедност и одбрана ја зајакнуваат безбедност за своите граѓани во денешниот сè понесигурен свет, вклучително и во поморството и Вселената, борбата против пиратеријата и тероризмот и справувањето со кибер и хибридните закани.
- Нашето најголемо богатство се нашите луѓе. Затоа ми е мило што потпишуваме Договор за мобилност. Ќе го олесниме движењето на студенти, истражувачи, сезонски и висококвалификувани работници. Затоа ја отвораме и првата канцеларија за правен портал на ЕУ во Индија. Тоа ќе биде центар на едно место за поддршка на индиските таленти кои се преселуваат во Европа. Ова е добро за нашите економии. Ова е добро за пријателството меѓу нашите народи. Оваа отвореност ни користи на сите нас, рече Фон дер Лајен.
Таа потсети дека пред две недели, Индија го одбележа Макар Санкранти, почетокот на патувањето на Сонцето кон север, од темнина до светлина, од тишина до раст и од она што беше до она што може да биде.
- Тоа е она што го прави нашиот Самит толку уникатен и навремен. Времето е зрело за обнова. За свеж моментум и за отворање ново поглавје во пријателството меѓу ЕУ и Индија. И токму ова го постигнавме денеска заедно, заклучи Фон дер Лајен.

