Конфликтот влезе во третата недела – САД го бомбардираа иранскиот остров Харг, погодена американската амбасада во Багдад

14.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Конфликтот влезе во третата недела – САД го бомбардираа иранскиот остров Харг, погодена американската амбасада во Багдад

САД ноќеска изврши серија напади врз островот Харг, т.н. бисер на Иранската круна – малиот корален остров  кој всушност е највитален дел од иранскиот нафтен костур, во кој се слева 90% од суровата нафта од најголемите полиња на земјата за извоз, главен терминал на кој секојдневно се точат милиони барели во супертанкери.

Претседателот Трамп порача дека цел била само воената инфраструктура – нафтените резерви останале недопрени. Воедно САД во регионот испратија 5000 маринци и морнари, но засега останува непознато - дали се подготовки за копнени операции или само се засилуваат позициите.

-Ние сме во позиција на доминација која е досега невидена. Нивната морнарица е готова, воздухопловните сили им се готови, најголем дел од војската им е готова, нивната голема закана е готова во секоја смисла. -  Доналд Трамп – Претседател на САД

Секој обид за заземање на островот Харг ќе резултира со заробување на американски војници, одговори Иран, кој ноќеска соодветно одговори на нападите. Нивни проектили ноќеска погодија неколку населби во Израел, а густ црн чад се воздигна над пристаништето во Фуџаира – ОАЕ, откако едно од најглемите складишта за нафта во регионот беше погодено од ирански дрон, а погодени беа и неколку танкери. Дополнително, со беспилотно летало беше погодена и американската амбасада во Багдад. Техеран повторно ги повика соседите, да не дозволуваат нивната територија да се злоупотребува за напади кон Иран.

-Затоа ние целиме на воени бази на САД, нивните средства кои се расфрални околу нас во земјите од перскискиот залив. Ние веќе ги предупредивме, „ве молиме, не дозволувајте САД да ја злоупотребува вашата почва, да ја злоупотребува вашата територија за диригирање на воената агресија, но за жал, без разлика на причината тие не можеа да го натераат САД да се откаже од користењето на нивните територии за агресивните операции против Иран, а Иран го има секое право, според интернационалните закони да се брани себеси од овие воени напади.  - Есмаил Багаеи – Портпарол на министерство за надворешни на Иран

Ескалацијата во третата недела зазема повеќе економски размери, а заканите од Техеран дека ќе го блокира Ормускиот теснец, од каде циркулира петтина  од глобалната трговија со нафта доведува до стравувања од нови ценовни шокови. Експертите велат, последиците кои веќе јасно се гледаат, можат да бидат сериозно поголеми. Европа, според нив, може силно да биде погодена од ваков потег.

-Секако, некои од државите имаат залихи од кои можат да влечат, но прашањето е за колку долго, некои од нив имаат доволно резерви што можат да траат веројатно до шест месеци, но другите немаат. - Ноам Рајдан – експерт за пристанишна безбедност

Во меѓувреме, Тел Авив, кој изврши напади врз Техеран, најавува копнена инвазија врз Либан, која велат ќе наликува на онаа во Газа. Шефот на Хезболах пак возврати дека заканите не ги плашат, а државата, велат е подготвена за подолг конфликт и дека војните сили на Израел ќе бидат изненадени на бојното поле.  За евентуалната ескалација во Либан се огласи и првиот човек на ОН – Гутереш, велејќи дека не смее да се случи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата