- Кога станува збор за царините, Кина секогаш го истакнуваше својот став, според кој трговските војни и војните со царините не даваат победник, а протекционизмот не дозволува напредок, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Таа додаде дека БРИКС се залага за „отворање, инклузија и соработка во која сите се победници“, посочи Мао.
- Групата не се впушта во конфронтација и не е насочена ниту против една земја, истакна Мао.
Трамп претходно најави дека ќе испрати писма до земјите со кои се заканува со огромни тарифи до земјите кои не сакаат да потпишат трговски договор со Вашингтон пред истекот на рокот од 90 дена. Тој преку неговата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) им се закани и на земјите од БРИКС со дополнителни царини од 10 отсто.
- Секоја земја што се согласува со антиамериканската политика на БРИКС ќе плати ДОПОЛНИТЕЛНА царина од 10 проценти. Нема да има исклучоци, објави Трамп на „Трут соушл“.
Неговата изјава уследи откако на Самитот на БРИКС, што се одржува вчера и денеска во Рио де Жанеиро, ја критикуваа царинската политика, предложија реформи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и начинот на кој се одредува вредноста на клучните светски валути.
Земји-членки на БРИКС се Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати, Индонезија и Виетнам во јуни годинава. Додека земји-партнери се Белорусија, Боливија, Куба, Казахстан, Малезија, Нигерија, Тајланд, Уганда, Узбекистан. БРИКС плус со 20 земји сочинува 44 проценти од глобалниот бруто домашен производ и 56 отсто од светската популација.