Хутите задржале 19 вработени на ООН во Сана, организацијата бара ослободување

3.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хутите задржале 19 вработени на ООН во Сана, организацијата бара ослободување

Осумнаесет од задржаните се јеменски државјани, а еден е странски државјанин. Дујарик побара нивно итно ослободување.

Акциите против канцелариите на агенциите на ООН за храна, здравство и деца во Сана следеа по израелскиот воздушен напад во четвртокот, во кој беа убиени премиерот на владата на хутите, Ахмед ар-Рахауи, и неколку министри.

Хутите се во војна со меѓународно признатата влада на Јемен, поддржана од коалиција предводена од Саудиска Арабија, од 2014 година, кога ја презедоа контролата врз Сана и поголемиот дел од северен Јемен. Хутите, официјално познати како Ансар Алах,  се шиитска политичка и воена организација што настана во Јемен во 1990-те. Под водство на верскиот водач Хусеин ел-Хути, Хутитското движење се појави како опозициско движење на тогашниот јеменски претседател Али Абдула Салех.  Во 2003, под влијание на либанската шиитска политичка и воена организација Хезболах, Хутите го усвоија својот службен слоган: „Бог е голем, Смрт на Америка, Смрт на Израел, Клетва на Евреите, Победа на исламот“. Пружајќи отпор на наредбата на Салех за негово апсење, Хути бил убиен од јеменската војска во Саада во 2004, по што започна бунт. Оттогаш, освен во еден краток период, движењето е предводено од неговиот брат Абдул-Малик ел-Хути.

Надежите за мировни преговори се намалија по нападот на „Хамас“ во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кој предизвика израелска воена операција во Газа. Хутите започнаа напади врз бродови во Црвеното Море во знак на поддршка за Палестинците во Газа, што доведе до одмазднички удари од САД и Израел во областите контролирани од бунтовниците.

Специјалниот пратеник на ООН, Ханс Грундберг, за време на посетата на Маскат, Оман, се сретна со главниот преговарач на хутите, Мохамед Абделсалам. Дујарик истакна дека Грундберг го осудил задржувањето на вработените и насилниот упад во канцелариите на ООН, предупредувајќи дека овие акции сериозно ја загрозуваат способноста на организацијата да испорачува хуманитарна помош во Јемен. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата