Мора да направиме се за да ги зајакнеме капацитетите со цел да бидат способни за одвраќање, но тоа не може да биде одговорност само на САД, изјави американскиот секретар за одбрана Пет Хегсет пред почетокот на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата.
- САД се горди што можат да бидат тука и да стојат покрај своите сојузници, но пораката ќе продолжи да биде јасна дека одвраќањето и одбраната преку зајакнување не можат и нема да бидат обезбедени само од САД, рече Хегсет, додавајќи дека САД направија чекор напред во зајакнувањето, но дека тоа треба да го сторат и европските сојузници.
Говорејќи придружуван од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Хегсет нагласи дека е значајно што на денешниот министерски состанок ќе се говори за капацитетите, затоа што треба да се знае на што се трошат парите во одбраната.
- Целта поради која сум јас тука е да бидеме сигурни дека сите земји од НАТО сфаќаат дека треба да биде подметнато секое рамо и сите треба да трошат на ниво од пет отсто , истакна Хегсет.
Според него, одвојување на пет проценти од БДП за одбраната е цел што мора да ја постигнат сите членки на Алијансата, за да може да се одговори на заканите со кои се соочува НАТО во современиот свет.
Нагласувајќи ја посветеноста на САД на НАТО, Хегсет истакна дека ако некој направил нешто за „обнова на НАТО“, тоа е сигурно американскиот претседател Доналд Трамп со неговите заложби за поголеми одбранбени трошоци.
- Уште во текот на неговиот прв (претседателски) мандат, тој рече не може само слободно да користите, туку мора и да трошите повеќе и да бидете посветени. Европските земји направија чекор напред, но сега имаме нови цели што се поставени, додаде американскиот секретар за одбрана.
Хегсет му се заблагодари на Руте за неговото лидерство, затоа што, како што рече, не е лесно да се раководи со организација каде членките имаат различни ставови, но сепак споделуваат разбирање и посветеност за колективната одбрана.