Брижит Макрон, првата дама на Франција, била принудена да го промени својот изглед, а нејзиното здравје се влошило поради бизарни и неосновани теории на заговор кои тврдат дека е родена како машко, открила нејзината ќерка за време на судењето на десет лица обвинети за ширење на тие гласини, пишува Скај њуз.
„Постојано е под напад“
„Таа знае дека нејзиниот имиџ може да биде искористен и искривен“, изјавила Тифан Озиер, 41, најмладата ќерка на Брижит Макрон, за време на вториот ден од судењето во Париз. Таа објаснила дека откако почнале да се шират гласините, нејзината мајка обрнува внимание на секој детаљ - нејзиното однесување, нејзиниот изглед, па дури и нејзината облека.
„Таа не може да ги игнорира сите ужаси што се кажуваат за неа“, додаде Озиер, истакнувајќи дека Брижит Макрон е постојано цел на напади и дека дури и нејзините внуци сега се свесни за злонамерните приказни што циркулираат за нивната баба.
„За мене беше важно да бидам тука денес и да сведочам за штетата што ѝ е нанесена. Сакав да покажам како изгледа нејзиниот живот откако таа страда од оваа омраза“, рече Озиер. Таа додаде дека здравјето на нејзината мајка се менува и се влошува во последните години токму поради постојаниот притисок и теориите на заговор.

Десет лица се обвинети за клевета
На обвинителната клупа се десет лица - осум мажи и две жени, на возраст меѓу 41 и 65 години. Доколку бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со затворска казна до две години за ширење „бројни злонамерни коментари“ за полот и сексуалноста на првата дама.
Некои од обвинетите - меѓу нив ИТ специјалист, наставник и градски советник - наводно ја нарекле разликата во годините на претседателот со неговата сопруга (25 години) „педофилија“, бидејќи Емануел Макрон ја запознал Брижит кога имал 15 години.
.jpg)
Сите обвинети ја негираат вината, тврдејќи дека нивните објави биле шега и дека се повикувале на слобода на говор. Брижит Макрон не се појавила на суд и не се очекува да се појави.
Тужба и во САД
Макронови ја поднесоа тужбата пред две години, откако на интернет почнаа да кружат тврдења дека Брижит всушност е родена како маж по име Жан-Мишел Троње и дека наводно го променила полот пред да го „заведе идниот претседател“.

Всушност, Жан-Мишел Троње е постариот брат на Брижит Макрон, за кого нејзината ќерка рече дека неодамна го видела: „Го видов мојот вујко пред неколку месеци, тој е во одлична форма“, рече Озиер.
Судењето во Франција доаѓа само три месеци откако Макронови ја тужеа конзервативната американска водителка Кандис Овенс, која ги изнесе истите обвинувања во својот подкаст. Некои од обвинетите во Франција ги споделија нејзините објави.
„Научни“ докази
Според адвокатите на двојката Макрон во САД, тие планираат да достават „научни“ докази и фотографии што потврдуваат дека Брижит не е трансродова. Наскоро се очекува пресуда во францускиот случај.

