„Доколку терористите на Хамас не го положат оружјето и не ги ослободат сите заложници, тие ќе бидат уништени, а Газа ќе биде срамнета со земја“, наведе Кац денеска во објава на социјалната мрежа X.
Израелските воздухопловни сили денес погодија неколку високи згради во градот Газа, неколку часа откако Кац изјави дека „моќен ураган ќе го погоди небото над Газа“ и дека „покривите на кулите на теророт ќе се тресат“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека извршиле барем еден од нападите, велејќи дека погодиле кула што ја користи Хамас за надзор. Според палестински извори, вчера биле погодени неколку високи згради во градот Газа.
Во текот на изминатите неколку дена, ИДФ изврши повеќекратни напади врз солитерите во Газа, за кои тврди дека Хамас ги користи за спроведување операции против израелските трупи, откако претходно ги предупреди жителите да ја напуштат областа.
„Триесет високи згради што се користеа за терористички активности беа нападнати и уништени, а десетици дополнителни цели беа бомбардирани за да се оневозможи надзорот и да се нападне инфраструктурата, како и да се отвори патот за копнените сили“, рече Кац во објава на X, заедно со видео на кое се гледа уривањето на солитер во градот Газа.
Израел за првпат нареди евакуација на целиот град Газа пред копнената инвазија
Израелската војска (ИДФ) изјави дека палестинските цивили во сите области на градот Газа мора веднаш да се евакуираат пред голема копнена офанзива против Хамас во областа, објави „Тајмс оф Израел“.
Предупредувањето ја означува првата општа наредба за евакуација на целата област на градот Газа; претходните предупредувања издадени од израелската војска во последните денови се однесуваа само на одредени згради и областа околу нив.
-ИДФ е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во областа на градот Газа со голема сила, исто како што правеше низ целиот Појас, изјави на „X“ полковник Авичаи Адреи, портпарол на ИДФ, на арапски јазик.
На Палестинците им беше наредено да се упатат кон хуманитарна зона одредена од Израел во јужниот дел на Појасот Газа преку крајбрежниот пат.
Во соопштението е наведен и телефонски број каде што Палестинците можат „да пријават блокади на Хамас или обиди од страна на неговите членови да спречат евакуација“, според „Тајмс оф Израел“.