Нацрт-резолуцијата ги осудува „непријателските акти на Израел, вклучувајќи геноцид, етничко чистење, гладување“, за кои вели дека ги загрозуваат „перспективите за мир и коегзистенција“. Израел силно ги отфрли ваквите обвинувања.
Не е јасно какви практични одлуки би можеле да се донесат, а аналитичарите велат дека каков било воен одговор не доаѓа предвид.
Претходно, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Јасим ал-Тани ја повика меѓународната заедница да престане да применува „двојни стандарди“ и да го казнува Израел.
Претседателот на САД Трамп вчера изјави дека „Катар е многу добар сојузник“. „Израел и сите други, мора да бидеме внимателни. Кога напаѓаме луѓе, мора да бидеме внимателни“, рече Трамп.
Заминувајќи за Израел во саботата, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека на Трамп „не му се допаднал начинот на кој се одвивал (нападот врз Катар)“.
Советот за безбедност на ОН го осуди израелскиот напад врз главниот град Катар минатата недела.
Израел ја бранеше својата акција, а претседателот Исак Херцог рече дека нападот бил потребен за „отстранување на некои луѓе ако не се подготвени да постигнат договор“ за прекин на војната.
Хамас соопшти дека целиот преговарачки тим го преживеал израелскиот напад на 9 септември, но дека петмина од неговите членови биле убиени, вклучувајќи го и синот на главниот преговарач на групата, Калил ал-Хаја. Исто така, бил убиен и катарски безбедносен службеник.
Катар одигра клучна улога во дипломатските напори за прекин на војната, служејќи како посредник во индиректните преговори меѓу Хамас и Израел.
Политичката канцеларија на Хамас се наоѓа во таа земја од 2012 година. Катар е исто така близок сојузник на САД, а голема американска воздухопловна база се наоѓа во пустината во близина на Доха.