Кандидатка за генерална секретарка на ОН: Ако надвладее еднаквоста, следниот шеф на ОН ќе биде жена

3.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кандидатка за генерална секретарка на ОН: Ако надвладее еднаквоста, следниот шеф на ОН ќе биде жена

Поранешната потпретседателка на Костарика и водечка кандидатка за следниот генерален секретар на ОН, Ребека Гринспан, изјави дека светската организација конечно би можела за првпат да има жена на чело доколку еднаквоста надвладее над дискриминацијата.

Гринспан, која во моментов раководи со Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD), истакна дека не бара посебен третман, туку само „еднаков третман за жените во изборот за највисоката функција на ОН“.

Процесот за избор на следниот генерален секретар официјално почна минатата недела, а Гринспан се натпреварува со поранешната претседателка на Чиле, Мишел Башеле, и аргентинскиот дипломат Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Се очекува следниот генерален секретар на ОН да биде од Латинска Америка, бидејќи позицијата традиционално ротира по региони.

Гринспан, исто така, ја истакна потребата ОН да станат инклузивни и поддржа реформи кои би им дале поголемо влијание на африканските и латиноамериканските земји во институцијата.

Таа смета дека е важно да се обнови довербата во ОН и да се прифатат реформите, истакнувајќи дека светската организација е клучна за глобалната стабилност и дека во текот на 80 години придонела за намалување на сиромаштијата и подобрување на здравствените стандарди ширум светот.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата