Трамп најавува можни копнени воени напади во Латинска Америка против нарко-картелите

3.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп најавува можни копнени воени напади во Латинска Америка против нарко-картелите

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација би можела „многу скоро“ да започне копнени напади врз цели осомничени за трговија со дрога низ цела Латинска Америка, без да прецизира кога и каде би биле извршени тие напади.

„Ќе почнеме да ги извршуваме овие напади и на копно. Ги знаеме нивните рути, знаеме сè за нив, знаеме каде живеат. Каде живеат најлошите. И ќе започнеме со тоа многу скоро“, рече Трамп за време на владината седница, пренесе Си-Би-Ес Њуз.

Трамп не кажа кога би можеле да започнат нападите или каде би биле извршени.

Во претходните недели, според извештаите на американските медиуми, се дискутираше за можни воени операции во Венецуела, иако Каракас ги негира обвинувањата на Вашингтон дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро соработува со нарко-картелите.

Трамп рече дека нападите нема да бидат ограничени само на Венецуела и дека „секоја земја каде што се произведува или транспортира дрога“ е потенцијална цел, поточно издвојувајќи ја Колумбија, за која САД велат дека не ја контролира соодветно трговијата со дрога.

Во исто време, САД го зајакнуваат своето воено присуство во Карибите - носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ е распореден во регионот, а борбените авиони Ф-35 се распоредени во Порторико, додека Трамп изјави за време на викендот дека „воздушниот простор над Венецуела е затворен“.

Евентуалните напади врз териториите на латиноамериканските земји значително би ги прошириле операциите на администрацијата против наркотици, кои досега погодија повеќе од 20 бродови во Карибите и Пацификот, при што загинаа повеќе од 80 лица.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата