Јужна Кореја: Околу 2.000 севернокорејски војници загинале во руско-украинскиот конфликт

2.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јужна Кореја: Околу 2.000 севернокорејски војници загинале во руско-украинскиот конфликт

Во април беше проценето дека бројот на загинати изнесува најмалку 600, но врз основа на ажурираните податоци, „сега се проценува дека бројот достигнува околу 2.000“, изјави за новинарите пратеникот Ли Сеонг Квеун.

Јужнокорејските и западните разузнавачки служби тврдат дека Пјонгјанг испратил над 10.000 војници во руската област Курск во 2024 година, заедно со артилериски гранати, ракети и ракетни системи со долг дострел, во пресрет на планираната офанзива на Киев.

Опозицискиот пратеник Ли Сеонг Квеун, член на Народната партија на поранешниот претседател Јун Сук Јеол, рече дека јужнокорејската разузнавачка служба проценува оти Северна Кореја планира да распореди дополнителни 6.000 војници во Русија, од кои 1.000 веќе пристигнале.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА во саботата објави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во петокот се сретнал со семејствата на војниците загинати во борбите против Украина, во знак на поддршка на Русија.

Ким претходно минатата недела се сретна со дел од овие семејства на втора јавна церемонија во чест на припадниците на војската.

Пјонгјанг и Москва се поврзани со безбедносен и одбранбен договор од 2024 година.Севернокорејскиот лидер утре ќе присуствува на голема воена парада во Пекинг по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, каде се очекува присуство на околу 25 странски лидери, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин.

Москва и Киев не ги откриваат вкупниот број распоредени војници во конфликтот, ниту нивните загуби. Во јуни 2024 година, рускиот претседател спомна околу 700.000 војници вклучени во борбите во Украина, а истата бројка во јуни 2025 година ја наведе и украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата