На ниво на Еврозоната, јунската стапка на невработеност изнесувала 6,2 отсто, колку и претходниот месец и бележи намалувања за 0,2 процентни поени во однос на јуни 2024 година, кога изнесуваше 6,4 проценти.
Според проценките на Евростат, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во јуни 2025 година невработени биле 12,967 милиони лица во ЕУ, од кои 10,7 милиони живееле во земјите од Еврозоната.
Во однос на претходниот месец бројот на невработени се намалил за 23.000 во ЕУ и за 62.000 илјади во Еврозоната. Споредно, пак, со јуни 2024 година, бројот на невработени во ЕУ бележи намалување за 125.000, а во зоната на еврото за 293.000.
Меѓу невработените во ЕУ во јуни 2025 година, 2,857 милиони биле помлади од 25 години, а во Еврозоната невработени биле 2,241 милиони млади лица. Со ова јунската стапка на невработеност меѓу младите во ЕУ, изнесувала 14,7 отсто, колку што беше и во мај 2025 година, а во Еврозоната 14,1 проценти, што претставува намалување од 14,3-те проценти во претходниот месец.
Стапката на невработеност меѓу жените во ЕУ во јуни изнесувала 6,0 отсто, намалувајќи се од мајските 6,1 проценти, додека кај мажите таа достигнала 5,7 проценти, на исто ниво како и претходниот месец.
На ниво на Еврозоната јунската стапка на невработеност кај жените била 6,4 отсто, што претставува намалување од 0,1 процентни поени во споредба претходниот месец, а кај мажите останала непроменета на 6,0 проценти.
При пресметувањето на стапката на невработеност Евростат ја користи стандардната дефиниција на Меѓународната организација на трудот (МОТ), која за невработени ги смета лицата без работа кои активно барале вработување во последните четири недели и можат да започнат со работа во следните две недели.
За попрецизно прикажување на состојбата на пазарот на трудот во ЕУ и во Еврозоната, при пресметките се користени и дополнителни индикатори, како вработени лица со скратено работно време, лица кои бараат работа, но не се во можност веднаш да започнат со работа, како и невработени лица кои не бараат работа.