Израел и Хамас се договорија за првата фаза од договорот за мир

9.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израел и Хамас се договорија за првата фаза од договорот за мир

Порака срочена во неколку збора, но вредна за историски договор на Блискиот Исток. Белешката што ја доби Трамп дека е постигната согласност меѓу Израел и Хамас за првата фаза од мировниот договор, молскавично се пренесе и на улиците на Газа и на Израел. И едните и другите го поздравија договорот, кој треба да стави крај на две годишните крвопролевања.

-Радоста што ја гледаме на палестинските улици е резултат на притисокот на палестинскиот народ, масакрот и убиствата. , изјави жител на Газа.

-Не сум среќен само јас, цела Газа е среќна, целиот арапски свет поради прекинот на огнот и крајот на крвопролевањата. , изјави жител на Газа.

Веста и во Израел пристигна директно од Трамп, кој на телефон им се обрати на дел од семејствата на заложниците кои досега одбројаа 733 дена во исчекување да ги видат најблиските. 

-Вие само грижете се за себе. Заложниците ќе се вратат. Сите се враќаат во понеделник., рече Трамп на семејствата на заложниците, -Бог да ве благослави г-не претседател. Бог да ја благослави Америка. , му возвратија тие.

-Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за оваа неверојатна победа. Тоа е победа. Тој заслужува Нобелова награда. , изјави жител на Тел Авив.

-Благодарност до Трамп и до сите што помогнаа мојот син и другите заложници да се вратат дома. , изјави жителка на тел Авив.

Прекинот на огнот треба да стапи на сила вечерва, откако документот ќе биде усвоен од израелската влада. Потоа во рок од 72 часа Хамас треба да ги ослободи сите 48 -израелски заложници, од кои се верува дека 20-ина се живи во замена за околу две илјади палестински затвореници. Израелската војска да се повлече на однапред договорена позиција и да влезе хуманитарна помош во енклавата. Ова се всушност првите три од вкупно 20-те точки на планот, кои беа договорени меѓу двете страни во египетското летувалиште Шарм ел Шејк во посредство на Египет, Катар и САД. Пораката на ливче хартија напишана рачно му ја врачи Рубио на Трамп за време на тркалезна маса во Белата Куќа.

-Што туку добив белешка од Државниот секретар во која се вели дека сме многу блиску до договор за Блискиот исток и дека ќе им требам многу наскоро. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Речиси сите западни и арапски земји го поздравија договореното, иако за целосна имплементација на Мировниот договор преостануваат уште 16 точки. Аналитичарите велат дека најтешко ќе биде прашањето за разоружување на Хамас и статусот на Газа со која е предвидено да раководи преодна администрација, пред власта да им биде вратена на Палестинците.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата