Европската комисија е подготвена да разговара со Вашингтон околу барањата на новиот американски претседател Доналд Трамп ЕУ да купува поголеми количества нафта и гас од САД, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.
- Приоритет е да имаме разговори, да разговараме за заедничките интереси и потоа да бидеме подготвени да преговараме, рече Итконен.
Таа додаде дека иако самата Европска комисија не купува или продава течен природен гас (ЛНГ) или кој било друг енергенс, сепак е подготвена да разговара со американските претставници за ова прашање.
- Треба да воспоставиме контакт со нив и да видиме како да продолжиме понатаму. Но, конкретно, ние не почнуваме од нула - на највисоко ниво ЕУ и САД веќе имаа дискусии за ЛНГ, рече Итконен, додавајќи ддека ЕУ изминативе години работеше на изградба на инфраструктура за набавка на ЛНГ од САД.
Како резултат на одлуката на ЕУ за намалување на набавките на енергенси од Русија по нејзината инвазија врз Украина, САД станаа најголем снабдувач на ЛНГ и втор по големина добавувач на гас на Унијата. Од почетокот на годинава над половина од увезениот ЛНГ во земјите членки на ЕУ потекнува од САД.
Но, од друга страна, во услови на студениот бран што зафати делови на Европа овој месец, последниве недели зголемен е увозот на енергенсот и од Русија.
Европската комисија и нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен досега во неколку наврати ја поддржа идејата за набавка поголеми количества на горива од САД, како мерка за прекин на зависноста на ЕУ од руските енергенси./МИА