Италија го поздрави резултатот од американско-украинските преговори во Џеда

12.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Италија го поздрави резултатот од американско-украинските преговори во Џеда

 Италијанскaтa премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани го поздравија резултатот од преговорите меѓу Вашингтон и Киев во Џеда, кои имаа за цел да се трасира патот кон прекин на војната во Украина, јави италијанската новинска агенција АНСА.

„Премиерката Џорџа Мелони со задоволство го поздравува резултатот од разговорите што се одржаа во Џеда меѓу САД и Украина, посветувајќи посебно внимание на предлогот за 30-дневен прекин на огнот и обновување на американската помош за Киев“, се вели во соопштението на Кабинетот на Мелони за медиумите.

„Италија целосно ги поддржува напорите на САД, под водство на претседателот Трамп, за постигнување праведен мир кој гарантира долгорочна безбедност на Украина. Одлуката сега зависи од Русија“, се наведува во соопштението.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска изјави дека разговорите во Џеда се важен чекор напред на патот кон праведен и траен мир за Украина, а Европа сака да помогне во изградбата на тој мир.

„Примирјето и продолжувањето на американската воена заштита за Киев ќе бидат првите теми за кои министрите за надворешни работи на Г7 ќе разговараат во Канада, вклучително и со американскиот државен секретар Марко Рубио. Сакаме што поскоро да заврши руската агресија врз Украина: ние Европејците, обединети со Американците, можеме да го постигнеме тоа“, додаде Тајани.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата