Клучните преговори меѓу иранската и американската делегација се закажани за утре во Рим, со посредство на Оман.
- Иако имаме сериозни сомневања за намерите и мотивацијата на американската страна, и покрај се ќе учествуваме во утрешните преговори, рече Арагши на прес-конференција во Москва заедно со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Тој рече дека иранската страна е целосно подготвена да работи на мирно решение на спорот за „мировната нуклеарна програма на Иран“. Арагши утре ќе оди во Рим на тие преговори.
Првиот круг разговори се одржа минатата недела во Маскат, Оман, а двете страни, Иран и САД, го оценија како „конструктивен“.
Западните земји предводени од САД и Израел се сомневаат дека Иран сака да развие нуклеарно оружје, што Техеран го отфрла, укажувајќи дека има право да развива нуклеарни програми за цивилни цели.
Американскиот преговарач Стив Виткоф во вторникот рече дека Техеран треба да ја прекине својата програма за збогатување ураниум и нуклеарна милитаризација и да ја укине.
Но, Техеран смета дека запирањето на сите свои нуклеарни активности, вклучително и цивилните, е црвена линија.
- Доколку има слична волја од другата страна и ако се воздржат од искажување неразумни и нереални барања, мислам дека е можен договор, рече Арагши денеска во Москва.
Американскиот претседател Доналд Трамп во март повика на продолжување на преговорите за иранското нуклеарно прашање, предупредувајќи дека може да се очекува воена акција доколку не успеат дипломатските напори. Сепак, тој вчера изјави дека „не се брза“ да прибегне кон воена акција.
Според Њујорк тајмс, Трамп интервенирал за да го одврати Израел од напад врз иранските нуклеарни постројки, за да и даде шанса на дипломатијата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера реагираше и рече дека Израел никогаш нема да дозволи Иран да добие нуклеарно оружје, дури и ако Вашингтон продолжи со преговорите. /МИА