ИИСС: Дел од азиските држави се повеќе одвојуваат за одбраната

28.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ИИСС: Дел од азиските држави се повеќе одвојуваат за одбраната

 Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС) во годишниот извештај наведува Индонезија, Малезија, Филипините, Сингапур, Тајланд и Виетнам како одговор на влошените безбедносни перспективи извојуваат повеќе средства за одбраната и воениот развој.

ИИСС (International Institute for Strategic Studies) во извештајот Регионална безбедносна процена во Азиско-пацифичкиот регион наведува дека посочените држави ги прошируваат своите индустриски партнерства, но оти нивната крајна цел е да развијат сопствено воено производство за да ги покријат сите свои потреби.

- Конфликтите во Украина и Блиски Исток, заедно со влошувањето на стратешкото ривалство помеѓу САД и Кина и влошувањето на безбедносната состојба, би можеле да предизвикаат растечки бран на партнерства помеѓу одбраната и индустријата, се истакнува во извештајот.

Експертите предупредуваат дека тлеечките жаришта на конфликти создаваат „конкурентна безбедносна динамика“ и соодветно на тоа ја зголемуваат потребата секоја земја да ги развие своите воени капацитети за да може да одговори на заканите.

- Во периодот од 2022 до 2024 година трошоците за одбранбена опрема и истражување и развој во Индонезија, Малезија, Филипините, Сингапур, Тајланд и Виетнам се зголемени за 2,7 милијарди долари, достигнувајќи 10,5 милијарди долари. И покрај зголемувањето, трошоците за одбрана во овие земји во 2024 година изнесуваа просечно 1,5 отсто од нивниот бруто домашен производ, процент релативно непроменет во текот на изминатата деценија, се наведува во извештајот.

Според ИИСС земјите од Азиско-пацифичкиот регион сè уште се потпираат на увоз за поголемиот дел од нивното главно оружје и опрема. Нарачките се движат од подморници и борбени авиони до беспилотни летала, ракети и напредна електроника за надзор и собирање разузнавачки информации.

ИИСС извештајот го објави пред претстојниот годишниот форум за безбедност и одбрана „Шангри-Ла Дијалог“ што ќе се одржи викендот во Сингапур. Се очекува неформалниот состанок во Сингапур да биде нарушен од нестабилноста предизвикана од тековниот конфликт во Украина, безбедносната политика на Вашингтон и тензиите за Тајван и во Јужно Кинеско Море.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата