Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ)Авичај Адраи на X соопшти дека објектите ќе останат затворени поради „работи на реновирање, организација и подобрување на ефикасноста“, цитирајќи ја Газанската хуманитарна фондација (GHF), која ги води операциите за помош.
Војската ги предупреди цивилите да избегнуваат приближување до центрите, прогласувајќи ги околните патишта за борбени зони.
- Строго е забрането влегување во областите на дистрибутивните центри, додаде портпаролот.
Се очекува центрите утре повторно да се отворат.
Затворањето доаѓа откако Министерството за здравство под контрола на Хамас соопшти дека израелските војници вчера отвориле оган врз цивили во близина на дистрибутивен пункт, при што загинале најмалку 27 лица, а околу 90 биле ранети.
Израелската армија соопшти дека нејзините војници, стационирани на околу 500 метри од локацијата, забележале лица кои се приближуваат и кои ги сметале за закана. Војниците првично испукале предупредувачки истрели пред да пукаат во поединечни осомничени кои не се повлекле. Тврдењата не можат независно да се потврдат, нагласува ДПА.
GHF ја почна својата дистрибутивна мрежа пред нешто повеќе од една недела, откако Израел, под меѓународен притисок, дозволи ограничен хуманитарен пристап по речиси тримесечна блокада.