И Илон Маск се спомнува во новите документи за предаторот Епштајн: Беше повикан на островот

27.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
И Илон Маск се спомнува во новите документи за предаторот  Епштајн: Беше повикан на островот

Демократите во американскиот Конгрес објавија нови документи поврзани со покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, во кои се споменуваат милијардерот Илон Маск и британскиот принц Ендру, објавува Би-Би-Си.

Документите, доставени од страна на наследниците на Епштајн до Комитетот за надзор на американскиот Претставнички дом, содржат делумни записи, вклучувајќи телефонски пораки, копии од дневници на летови и манифести на авиони, финансиски записи и дневниот распоред на Епштајн.

Еден запис, датиран на 6 декември 2014 година, гласи: „Потсетник: Илон Маск на островот на 6 декември (дали ова е сè уште релевантно?)“. Маск претходно негираше дека некогаш бил на приватниот остров на Епштајн, иако призна дека бил поканет.

Принцот Ендру е исто така во документите

Одделно, манифест на летот од 12 мај 2000 година, евидентира дека принцот Ендру патувал со Епштајн и неговата блиска соработничка Гислејн Максвел од Тетерборо, Њу Џерси, до Вест Палм Бич, Флорида. Максвел беше осуден во 2021 година за помагање на Епштајн во трговија со девојки за секс.

Според тогашните најави од Бакингемската палата, Ендру отпатувал во Њујорк на 11 мај 2000 година на прием од Националното друштво за спречување на суровост кон децата, а се вратил во Велика Британија на 15 мај. Принцот постојано жестоко негирал какво било кривично дело.

Во документите се споменува и планиран ручек со интернет претприемачот Питер Тиел во ноември 2017 година и појадок со Стив Бенон, поранешен советник на Доналд Трамп, во февруари 2019 година.

Исто така, се споменува и можна средба со основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, во декември 2014 година. Гејтс изјави за Би-Би-Си во 2022 година дека средбата со Епштајн била „грешка“. Не е сугерирано дека луѓето споменати во документите биле свесни за злосторствата на Епштајн.

Случај што не запира

Епштајн изврши самоубиство во затвор во Њујорк во август 2019 година додека чекаше судење по обвинението за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.

Во 2008 година, тој се спогоди со обвинителите откако родителите на 14-годишно девојче пријавија дека тој ја злоставувал во неговиот дом во Палм Бич. Тој беше повторно уапсен во јули 2019 година.

Портпаролката на демократите во Претставничкиот дом, Сара Гереро, ја повика американската државна обвинителка Пам Бонди да објави повеќе документи. „Мора да им биде јасно на сите дека Џефри Епштајн бил пријател со некои од најмоќните и најбогатите луѓе во светот. Секој нов документ носи нови информации додека се обидуваме да им донесеме правда на преживеаните и жртвите“, рече таа.

Републиканците, од друга страна, ги обвинија демократите за „политизирање на случајот на сметка на жртвите“ и најавија дека наскоро ќе го објават целиот сет документи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата