Кари Лејк, поранешна радио новинарка која стана републиканска политичарка, која беше избрана од претседателот Доналд Трамп да го води „Гласот на Америка“, процени дека на тој начин ќе се заштедат 53 милиони долари.
Новата американска администрација брзо го потврди својот авторитет во „Гласот на Америка“, кој доставуваше вести од американска перспектива до земјите ширум светот. Додека го чекаше официјалното одобрение за преземање, Лејк беше именувана за специјален советник во американската Глобална медиумска агенција која го надгледува „Гласот на Америка“ и сестринските организации како што е „Радио Слободна Европа“.
Таа пред два дена преку социјалните мрежи објави дека ги раскинува „скапите и непотребни договори“ со новинските агенции.
-Не треба да им плаќаме на други новински организации да ни кажуваат какви се вестите, рече Лејк, која неуспешно се кандидираше за гувернерка на Аризона. „Со буџет од речиси милијарда долари, ние треба да произведуваме свои вести. И ако тоа не е можно, американските даночни обврзници треба да бараат зошто е тоа така“, рече таа.
На денешниот состанок, на вработените во Гласот на Америка им било кажано да престанат да ги користат материјалите на агенцијата за нивните извештаи, рекоа новинарите кои сакаа да останат анонимни.
Во многу новински организации, аудио, видео и текстуални извештаи од агенции се користат за дополнување на извештаите од нивните сопствени известувачи.
АП, Ројтерс и АФП одбија да коментираат.
Потегот на „Гласот на Америка“ доаѓа во време на затегнати односи меѓу печатот и Белата куќа. Асошиетед прес ја тужеше Белата куќа за забрана за доаѓање на нејзините новинари, Пентагон отстрани неколку новинари од нивните долгогодишни позиции, а новинските агенции беа цел на тужби и истраги. /МИА