Германската полиција уапси едно лице во рации поврзани со сомневање за терористички заговор

9.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германската полиција уапси едно лице во рации поврзани со сомневање за терористички заговор

 Германската полиција уапси едно лице и изврши претреси на неколку објекти низ сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија во рамките на истрага за сомнителен исламистички терористички заговор, соопштија денеска Обвинителството во Диселдорф и полицијата во Есен.

Истовремени рации биле спроведени на шест локации во градовите Есен, Дортмунд, Диселдорф и Зост, се наведува во заедничкото соопштение на обвинителството и полицијата.

Уапсен е 27-годишен маж со државјанство на Босна и Херцеговина, кој е осомничен за тероризам. Тој треба да се појави пред истражен судија подоцна во текот на денот. Обвинителството во Диселдорф веќе обезбедило налог за апсење, изјави портпаролка на институцијата.

-Сметаме дека лицето сторило кривични дела измама, а добиените средства имал намера да ги искористи за организирање и планирање напад, рече портпаролката.

Полицијата исто така истражува и други лица за кои се верува дека биле вмешани во измамите. „Сепак, дали тие знаеле за што ќе бидат искористени парите е предмет на тековната истрага“, додаде таа.

Претресите во средата се дел од, како што го опишаа властите, „сеопфатна истрага за сомневање за организирана комерцијална измама“.

Според досегашните сознанија, добиените средства од измамите најверојатно требало да се искористат за финансирање исламистички терористички напад, наведуваат обвинителството и полицијата.

Целта на рациите е да се спречи понатамошно планирање или извршување на потенцијалниот напад и да се разјасни ситуацијата, соопштија властите.

Претреси се извршени и во објекти поврзани со трети лица кои засега се третираат како сведоци, со цел да се обезбедат докази. Дополнителни детали не беа објавени.

Северна Рајна-Вестфалија, со повеќе од 18 милиони жители, е најнаселената германска покраина. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата