Германската полиција на застрашувачки начин ги спречува луѓето да се капат на опасни места

21.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германската полиција на застрашувачки начин ги спречува луѓето да се капат на опасни места

Полицијата во градот Дуизбург објави фотографија на социјалните мрежи на која се гледаат играчки, плишано мече и надгробна ламба поставена во песокот на брегот на Рајна, што се чини дека е спомен за дете кое починало во реката, објави ДПА.

На друга фотографија е прикажан човек како стои на работ на водата и прави селфи со својот телефон. „Неговата приказна е објавена онлајн. Тој ќе остане офлајн. Засекогаш!“

„Сцените се измислени - но тие претставуваат приказни што нашите служби за итни случаи ги знаат од нивната секојдневна работа. Приказни што никогаш повеќе не сакаме да ги раскажеме“, соопшти полицијата во Дуизбург.

Кампањата доаѓа откако 10 лица загинаа во Рајна во западногерманската покраина Северна Рајна-Вестфалија до крајот на јули оваа година, што е нагло зголемување во однос на вкупно 14 смртни случаи регистрирани минатата година.

Реката, позната по силните струи и густиот сообраќај на бродови, се смета за една од најопасните за пливање во цела Германија, според Германското здружение за спасување на животи (DLRG).

Властите во главниот град на покраината, Диселдорф, официјално го забранија пливањето во Рајна минатата недела, а градовите Нојс и Мербуш им се придружија. Оние што ќе газат подлабоко од глуждовите се соочуваат со високи казни до 1.000 евра.

Во Келн, најголемиот град во Германија на Рајна, пливањето во реката е сè уште дозволено, но градските власти планираат да гласаат за забрана во наредните недели, според локалните медиуми.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата