Лидерот на опозициската Партија на национално единство, Бени Ганц синоќа го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и двајца други опозициски лидери да ја отстранат крајната десница од власт и да формираат привремена влада, која ќе ги ослободи сите заложници, што сè уште ги држи Хамас во Појасот Газа.
- Ги повикувам Нетанјаху, Јаир Лапид и Авигдор Либерман. Време е да се формира влада за ослободување на затворениците, наведе Ганц.
Тој додаде дека државата има обврска пред сè да ги спаси животите на Евреите и на сите граѓани.
Во исто време десетици илјади Израелци повторно протестираа во Тел Авив барајќи ослободување на заложниците и завршување на војната во палестинската енклава.
Во јули, двете ортодоксни израелски партии се повлекоа од Владата на Нетанјаху, оставајќи ја неговата коалиција без апсолутно парламентарно мнозинство и зависна од гласовите на ултрадесничарските сојузници, кои отфрлаат каков било договор со Хамас за ослободување на заложниците и повикуваат на продолжување на војната во Појасот Газа.
Најголемата опозициска партија Има иднина на Лапид има 24 пратеници во Кнесетот, додека националистичката партија Нашиот дом Израел на Либерман има осум пратеници, колку и партијата на Ганц. Додека Ликуд на Нетанјаху има 32 пратеници од вкупно 120 мандати. Трите партии би можеле да формираат коалициска влада.