Фон дер Лајен од Давос: Главните светски економии се борат за пристап до суровините

21.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен од Давос: Главните светски економии се борат за пристап до суровините

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави денеска во Давос дека светот влезе во нова ера на жестока геостратешка конкуренција, но дека Европската унија е подготвена за соработка низ целиот свет, како и со Кина и САД, додавајќи дека првото патување на нејзината нова комисија ќе биде во Индија, најголемата земја со демократски систем во светот.

- Нашите вредности не се менуваат, но за да ги одбраниме овие вредности во светот што се менува, мора да го промениме начинот на кој дејствуваме. Мора да бараме нови можности каде и да се појават. Ова е момент за ангажирање надвор од блоковите и табуата“, рече фон дер Лајен.

Според неа, Европската унија мора да работи конструктивно и со Кина и да ги прошири трговските и инвестициските врски со Пекинг, а истовремено да воспостави порамномерен однос.

Таа најави создавање на европска унија за штедење и инвестиции, со нови производи и стимулации за ризичен капитал и непречен проток на инвестиции.

- Треба многу да го олесниме водењето бизнис низ Европа. Премногу наши врвни таленти ја напуштаат Европската унија затоа што е полесно да се развијат нивните компании на друго место, а премногу компании ги попречуваат инвестициите во Европа поради непотребната бирократија. Треба да дејствуваме на сите нивоа – континентално, национално и локално – нагласи претседателката на ЕК.

Таа додаде дека Европската унија ќе продолжи да се придржува до Парискиот договор за климатски промени и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од договорот.

- Големите светски економии се борат за пристап до суровини, нови технологии и глобални трговски патишта. Од вештачка интелигенција до чиста технологија, од квантна до вселена, од Арктикот до Јужното Кинеско Море, трката е во тек. Како што се засилува оваа конкуренција, веројатно ќе продолжиме да гледаме честа употреба на економски алатки, како што се санкции, извозни контроли и царини, кои имаат за цел да ја заштитат економската и националната безбедност - предупреди Урсула фон дер Лајен.

Како што нагласи таа, светските економии сепак ќе мора да соработуваат, бидејќи ничиј интерес не е да има „глобална трка до дното“ што би довело до прекин на сите врски во глобалната економија.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата