Европскиот суд во Луксембург наложи наследниците на Жан-Мари Ле Пен да вратат 300.000 евра на ЕП

16.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европскиот суд во Луксембург наложи наследниците на Жан-Мари Ле Пен да вратат 300.000 евра на ЕП

Жан-Мари Ле Пен, кој почина во јануари годинава, беше пратеник во Европскиот парламент од 1984 до 2019 година. Според судската пресуда, за време на неговиот мандат тој фактурирал лични трошоци како да се работи за службени трошоци на Европарламентот.

Француските медиуми објавија дека Ле Пен барал надомест за разни купувања, меѓу кои вино, очила за виртуелна реалност, пенкала, вратоврски и кујнска вага.

Основачот на француската крајнодесничарска партија Национален фронт зад себе остави три ќерки. Неговата најмлада ќерка, Марин Ле Пен, неколкупати се кандидираше на претседателските избори во Франција и ја презеде лидерската позиција во партијата, која подоцна ја преименува во Национален собир (Rassemblement National).

Во 2024 година, Жан-Мари Ле Пен вложи жалба на одлуката на Европскиот парламент да ги поврати средствата, но сСдот денеска ја отфрли жалбата и нареди исплатата да ја извршат неговите наследници.

Оваа одлука е дел од низата постапки против семејството Ле Пен поради злоупотреба на европски средства. И Жан-Мари и Марин Ле Пен повеќепати биле обврзани да вратат неправилно добиени исплати.

Марин Ле Пен, која беше пратеничка во Европскиот парламент од 2004 до 2019 година, во март беше осудена од судот во Париз за злоупотреба на европски средства во посебен случај. Таа поднесе жалба на пресудата.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата