Во кусиот одговор кој го даде како реакција за најсмртоносниот напад од почетокот на годинава, наместо осуда Трамп упати серија на обвинувања кон неговиот претходник Џо Бајден кој како што кажа е виновен за почетокот и текот на војната. Повтори дека доколку тој бил претседател до војната воопшто немало да дојде.
-Дали имате реакција за рускиот напад? / Мислам дека беше ужасно. Ми беше кажано дека направиле грешка. Но, мислам дека е ужасно нешто. Мислам дека целата војна е ужасна работа,- - Доналд Трамп – Претседател на САД.
Украинскиот претседател Зеленски пак, го повика Трамп да ја посети неговата земја, за како што кажа, самиот да ја види ситуацијата на терен. Мислите дека знаете што се случува во Украина, во ред, дојдете и видете пред да преговарате со Путин – порача Зеленски во интервју за Си-Би –Ес.
-Дојдете да ги видите луѓето, цивили, војници, болници, цркви, деца, уништени или мртви, дојдете, видете па тогаш да се придвижиме со план како да ја завршиме војната. Ќе сфатите со кого преговарате. Ќе разберете што направи Путин и нема да подготвиме ништо, тоа нема да биде театар, со актери на улиците. Ние не го правиме тоа. Не ни е потребно,- - Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
Остра осуда за рускиот напад упатија речиси сите европски лидери, а главна тема е и на Советот за општи работи во Луксембург. Идниот германски канцелар Фридрих Мерц пак, нападот го нарече воено злосторство и најави дека неговата земја е подготвена да испрати проектили со долг дострел од типот „Таурус“ во Украина, со цел како што кажа, Русија конечно да седне на преговарачка маса.
-Ова е јасно воено злосторство и тоа сериозно воено злосторство. Се случи да има два брана на напади, а вториот дојде додека работниците се обидуваа да им помогнат на повредените. Тоа е врв на перфидност. - Фридрих Мерц – иден германски Канцелар.
Нападот според украинските информации бил извршен со балистички ракети „Искендер“ а бидејќи метите биле во самиот центар на градот, сите докази укажуваат на тоа дека станува збор за намерен напад врз цивили. Руското министерство за одбрана до сега не даде коментар за нападот, но тамошните медиуми тврдат дека целта била собир на украински војници за церемонија на која требало да им бидат доделени медали.