ЕУ одобри 20 милиони евра за модернизација на ПВО на Молдавија

25.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ одобри 20 милиони евра за модернизација на ПВО на Молдавија

Советот на ЕУ донесе одлука за издвојување на 20 милиони евра од Европскиот мировен инструмент (ЕПФ) за поддршка на Вооружените сили на Молдавија, наменети за модернизација на капацитетите на нивната противвоздушна одбрана (ПВО) преку набавка на лансери и ракети со краток дострел. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова е втора мерка за поддршка на молдавската армија преку ЕПФ овој месец, откако претходно на 7 април Советот одвои 40 милиони евра за зајакнување на пешадиската мобилност на Вооружените сили на Молдавија и на командните и контролните капацитети на противвоздушната одбрана. Овие средства се наменети за набавка на лесни тактички возила и на опрема за команда и контрола за системите за ПВО со краток дострел. 

Во врска со одлуката за доделувањето на новата, седма по ред, помош за Кишињев во рамките на Европскиот мировен инструмент, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас истакна дека со оваа Унијата се потврдува како главен безбедносен партнер на Молдавија. 

- Опремата што ја испорачуваме - како што се возила, заштитна опрема и мобилни амбулантни возила - е инвестиција во мирот и заштитата на луѓето. Тие имаат за цел модернизација на молдавската Армија и подобрување на нејзините одбранбени капацитети, со целосно почитување на неутралноста на Молдавија, порача Калас. 

Таа додаде дека ЕУ оваа година во рамките на ЕПФ обезбеди 60 милиони евра поддршка за Молдавија, со што вкупната европска помош за земјата од 2021 година достигна речиси 200 милиони евра. 

- Надоврзувајќи се на претходните мерки за помош во рамките на ЕПФ, оваа поддршка ќе продолжи да им овозможува на молдавските Вооружени сили да ја подобрат својата оперативна ефикасност, да го забрзаат исполнувањето на стандардите на ЕУ и интероперабилноста, а со тоа подобро да ја заштитат критичната цивилна инфраструктура, како и цивилите во кризни и вонредни состојби. Исто така, таа ќе ги зајакне и капацитетите на Молдавија за учество во воените мисии и операции во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, соопшти Советот на ЕУ. 

Во соопштението се додава и дека ЕУ е посветена да и обезбеди секаква релевантна поддршка на Молдавија во справувањето со предизвиците со кои таа се соочува како последица на руската агресија врз Украина и да ги зајакне своите отпорност, безбедност и стабилност во услови на дестабилизирачки активности од страна на Русија. 

Европскиот мировен инструмент е основан во март 2021 година со цел преку него да се финансираат активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување на конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. Инструментот и овозможува на ЕУ да финансира и активности насочени за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања.

Одлуката за новата помош од ЕУ за Молдавија, доаѓа по вчерашната посета на Калас на Кишињев. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата