ЕУ ќе финансира 2,8 милијарди евра за реализација на 94 транспортни проекти

3.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ ќе финансира 2,8 милијарди евра за реализација на 94 транспортни проекти

Европската комисија избра 94 транспортни проекти насочени кон модернизација на железничките мрежи, на внатрешните водни, поморските и копнени патишта и на воздушниот сообраќај, за чија реализација ќе бидат исплатени грантови во износ од речиси 2,8 милијарди евра во рамките на Програмата за поврзување на Европа (ЦЕФ).  

Како што соопшти денеска Европската комисија, со реализацијата на овие проектите не само што подобро ќе се поврзат европските региони и градови, туку и внатрешниот пазар на ЕУ ќе стане поконкурентен и поотпорен. 

Вкупно 77 отсто од планираните 2,8 милијарди евра ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти во железничкиот транспорт, како мрежата меѓу балтичките земји и Полска, железничка линија од Грција до Словачка, брзи пруги во Чешка и Полска и проекти за управување со железничкиот сообраќај Австрија, Германија, Италија, Унгарија и Шведска. 

Како дел од напорите за намалување на негативното влијание на морскиот и внатрешниот воден транспорт врз животната средина, ќе бидат финансирани проекти за намалување на емисиите на штетни гасови од бродовите во пристаништа во Ирска, Кипар, Малта, Полска и Хрватска, за изградба на повеќенаменски мразокршачи во Естонија, Финска и Шведска, за дигитални системи за управување со поморскиот сообраќај во Франција и Шпанија, за надградби на објекти долж течението на Рајна на француска територија и за дигитализација на внатрешниот воден транспорт во Белгија. 

Во рамки на копнениот сообраќај, ќе бидат финансирани проекти за безбедни и сигурни паркинг простори во 10 земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, Италија, Романија и Франција, за поддршка на имплементацијата на програмата „Кооперативни интелигентни транспортни системи“ (Ц-ИТС), како и за зајакнување на урбаната мобилност. 

Дополнително ќе бидат обезбедени средства и за проекти за овозможување на побезбеден, поефикасен и поодржлив систем за воздухопловниот сектор и за намалување на емисиите на штетни гасови во воздушниот сообраќај. 

Одобрени се и проекти за подобрување на железничката поврзаност меѓу Словачка и Украина и меѓу Романија и Молдавија, за транзиција на украинската мрежа кон стандардниот европски железнички колосек, како и за подобрување на пристапноста и отпорноста на инфраструктурата во арктичкиот регион. 

Се очекува договорите за грантови за финансирање на проектите да бидат финализирани до октомври 2025 година.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата