ЕК предлага намалување на горната граница на цената на руската нафта на 45 долари за барел

10.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК предлага намалување на горната граница на цената на руската нафта на 45 долари за барел

Таа истакна дека целта е да се зголеми притисокот врз Русија поради отсуството на знаци за подготвеност за мир во Украина.

Според Фон дер Лајен, една третина од рускиот буџет сè уште се состои од приходи од продажба на горива. Таа денеска предложи ЕУ да воведе забрана за увоз на производи од преработка на руска сурова нафта, како и забрана за трансакции со руски банки што се наоѓаат на европските санкциски списоци, при што дополнително 22 руски банки би биле додадени на овие списоци, а мерките би се применувале и за земји надвор од ЕУ.

Комисијата, исто така, предлага забрана за сите трансакции поврзани со гасоводот „Северен тек“. - Нема враќање назад, предупреди Фон дер Лајен. Таа додаде дека Рускиот фонд за директни инвестиции, неговите подружници и проектите во развој треба да бидат опфатени со европските ограничувања.

Фон дер Лајен појасни дека пред војната во Украина, ЕУ месечно купувала горива од Русија за 12 милијарди евра, а денес таа сума изнесува околу една милијарда евра. Таванот на цените на нафтата, кој е под пазарните, ќе биде дискутиран на самитот на Г7 во Канада во наредните денови.

- Во контакт сме со САД во врска со санкциите и го споделуваме стремежот да ја натераме Русија сериозно да учествува во преговорите за праведен и траен мир, рече таа, додавајќи дека верува оти оваа цел ќе биде постигната. Фон дер Лајен нагласи дека војната мора да запре и дека Русија треба да се вклучи во преговори со сериозен предлог. - Целта на Русија не е мир, туку наметнување на правото на силата, рече таа, истакнувајќи дека и покрај дипломатските напори и предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на огнот, Русија продолжува да сее уништување и смрт.

ЕУ замрзнала 210 милијарди евра од имотот на Руската централна банка, а европските санкции ја погодуваат руската економија, предизвикувајќи пад од речиси 80 проценти на приходите од продажба на горива и инфлација над 10 проценти. - Го зголемуваме притисокот, бидејќи Русија разбира само сила, заклучи Фон дер Лајен. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата