Во интервју за „Ју-Ес-Еј Тудеј“, Венс изрази жалење за напнатиот состанок во февруари, кој, според бриселската „Политика“, предизвикал „шок“ во Европа и ги влошил трансатлантските односи.
„Понекогаш луѓето не се согласуваат. Мислам, дали сакав да има експлозија во Овалната соба? Не мора. Но, да, мислам дека беше корисно за американскиот народ“, рече Венс.
Инцидентот се случил откако Зеленски ја посети Белата куќа во обид да обезбеди дополнителна поддршка од САД во војната со Русија.
Средбата со американскиот претседател Доналд Трамп и Венс се претвори во расправија, во која Венс го обвини Зеленски дека е неблагодарен и дека нема волја за дипломатски ангажман со Москва, три години по почетокот на војната.
Иако инцидентот предизвика осуда од европските лидери, кои ја повторија својата поддршка за Украина, Венс објасни дека неговата фрустрација за време на состанокот била повеќе насочена кон администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден, која, според него, испратила милијарди долари помош за Украина без јасен план за прекин на конфликтот.
„Тоа ме фрустрираше повеќе отколку Зеленски да бара помош“, додаде Венс.
Потпретседателот на САД нагласи дека администрацијата на Трамп сега работи заедно со Зеленски за постигнување мировен договор, и покрај нивните несогласувања.
„Сакаме да го заштитиме територијалниот интегритет на Украина, не сакаме Русија да ја преземе целата земја“, рече Венс.