Во времето на инцидентот, во авионот имало 115 патници и четири члена на екипажот, објави Телеграф.
Авионот, кој полетал од Белград во 09:49 часот, требало да слета на аеродромот во Цирих во 11:20 часот, но екипажот пријавил итна ситуација и побарал итно слетување до контролата на летање околу 11:00 часот. Според податоците од веб-страницата Flightradar24, авионот бил безбедно пренасочен кон најблискиот соодветен аеродром – Фридрихсхафен (FDH), кој се наоѓа во германската покраина Баден-Виртемберг, на брегот на езерото Констанца.
👉 Wegen eines Notfalls am #Flughafen #Friedrichshafen kommt es aktuell zu größeren Verkehrsbehinderungen im Flughafengebiet. Bitte umfahrt den Flughafen weiträumig. Unsere Kollegen sind vor Ort. Wir berichten nach. #UnserZielIhreSicherheit pic.twitter.com/je1qoJlWL9
— Polizei Ravensburg (@PolizeiRV) July 7, 2025
Во официјалното соопштение од „Свис интернешнл ерлајнс“ се наведува:
„Причината за пренасочувањето беа пораките за грешка што се појавија во пилотската кабина на авионот „Ербас А220-300“, како и мала појава на чад во задниот дел од кабината. Екипажот, во согласност со безбедносните протоколи, одлучи да го пренасочи авионот кон најблискиот достапен аеродром.“
По безбедното слетување, авионот беше евакуиран, а патниците излегоа преку редовните скали. На лице место беа присутни противпожарни и служби за итни случаи, како и полицијата, која извести дека нема повредени.
За дополнителна безбедност и организација на приемот, сообраќајот во близина на аеродромот беше делумно прекинат, а полицијата ги замоли граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот поради големата активност на службите за итни случаи.
„Свис интернешнл ерлајнс“ го испрати својот тим во Фридрихсхафен за понатамошна грижа за патниците и давање поддршка. Исто така, беше објавено дека се организира автобуски превоз за сите патници до нивната крајна дестинација - Цирих.
Причината за дефектите на пилотската кабина и чадот во кабината засега е непозната, а истрагата за инцидентот е во тек.