Ден по разговорите на Трамп со Путин и Зеленски–мирот е подалеку или поблиску?

20.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ден по разговорите на Трамп со Путин и Зеленски–мирот е подалеку или поблиску?

Трамп кој вчера два пати разговараше со украинскиот претседател Зеленски, а потоа имаше и дво-часовен разговор со Владимир Путин, на социјалните мрежи со доза на оптимизам напиша дека мирот е на повидок, а двете страни се согласиле на итни разговори. На прес-конференција потоа од Белата Куќа, истакна дека во прашање се големи суети од руска и од украинска страна, а повтори и дека доколку нема никаков исчекор, Соединетите Држави ќе се повлечат од како што ја нарече, европската ситуација.

-Многу големи ега се вклучени. Големи ега. Но, мислам дека нешто ќе се случи, а ако не се случи ќе се повлечам и ќе мора да продолжат сами. Повторно, ова беше европска ситуација, требаше да остане европска ситуација. Му реков, кога ќе ставиме крај на ова Владимир (Путин)? Го знам веќе долго време сега, му реков кога ќе ставиме крај на ова крвопролевање и верувам дека сака да стави крај на тоа.-Доналд Трамп – Претседател на САД.

Рускиот претседател Путин по разговорот со Трамп, откри дека Русија ќе предложи меморандум за иден мировен договор. Сепак, официјален Кремљ утринава појасни дека процесот на договарање на меморандум за мир и за прекин на огнот ќе биде комплициран и за тоа не може да има фиксен рок. Украинскиот претседател Зеленски пак, со порака дека очекува нова средба на високо ниво и на неутрален терен. Во спротивно како што кажа, неговата земја ќе бара нови санкции за Русија.

-Договоривме со претседателот на САД дека Русија ќе предложи и е подготвена да работи со украинската страна за меморандум за можен иден мировен договор, кој би дефинирал серија на прашања, како принципите за регулирање, условите за евентуален мировен договор и така натаму. Вклучително и можен прекин на огнот за одреден период,-- Владимир Путин – Претседател на Русија.

-Ние размислуваме за средба со сите тимови повторно. Би сакале тоа да биде на високо ниво: Америка, Украина, Русија, европските земји и Велика Британија. Таква средба може да се одржи во Турција, Ватикан или Швајцарија,--Володимир Зеленски – Претседател на Украина. 

Ситуација со големо внимание се следи во ЕУ. Министрите за надворешни работи и одбрана на земјите – членки на Унијата во Брисел попладнево го усвоија 17 пакет на санкции против Русија, насочени кон околу 200 бродови од т.н. руска „флота во сенка“. За санкциите информираше високата претставничка на Унијата Каја Калас која посочи и дека ќе следуваат нови чекори доколку нема никакво поместување за прекин на огнот во Украина.

Двете земји за прв пат по три години седнаа на заедничка маса минатата недела во Истанбул, но покрај за размена на заробеници, немаше никаков позначаен исход кон ставање на крај на војната.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата