Бразилски суд му се заканува на Болсонаро со апсење поради прекршување на забраната за социјални мрежи

22.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бразилски суд му се заканува на Болсонаро со апсење поради прекршување на забраната за социјални мрежи

Врховниот суд на Бразил му се закани со апсење на поранешниот претседател Жаир Болсонаро доколку неговите адвокати во рок од 24 часа не објаснат зошто ја прекршил судската наредба за користење социјални медиуми, соопшти судијата Александар де Мораес.

Болсонаро, и покрај претходната забрана, разговараше со новинари по состанокот со сојузниците во бразилскиот Конгрес, што предизвика реакција од судот. Претходната пресуда ја донесе Мораес, кој одреди дека Болсонаро не смее да користи социјални мрежи, дури ни преку трети лица, поради обвинувања дека „го користел“ американскиот претседател Доналд Трамп за да влијае на одлуки во Бразил, поврзувајќи ги високите царини на бразилските производи со наводниот „лов на вештерки“ против него.

Во петокот, Мораес воведе дополнителни рестрикции, вклучувајќи обврска Болсонаро да носи електронска алка, што предизвика негодување кај поранешниот претседател.

Болсонаро изјави дека и понатаму ќе продолжи да соработува со медиумите за да ги изнесе своите ставови, нарекувајќи ја судската одлука „кукавичка“.

Судската одлука предизвика дебати во Бразил за тоа дали се забранети интервјуата со новинари или само нивното емитување на социјалните мрежи. Покрај тоа, тензиите се зголемија кога американскиот државен секретар Марко Рубио ги критикуваше пресудите на Мораес како политички мотивирани, а администрацијата на Трамп возврати со поништување на визите за Мораес и неговите сојузници. ј

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата