Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста од брзо завршување на војната во Украина и изрази подготвеност да придонесе за нормализирање на односите меѓу Русија и САД, соопшти Кремљ.
Бин Салман ја истакна важноста од наскоро склучување договор за прекин на огнот во Украина, а Путин ги пофали посредничките напори на Ријад, каде минатиот месец се одржаа руско-американски разговори на високо ниво.
Се додава дека лидерите разговарале и за „актуелните прашања на руско-саудиската соработка во рамките на ОПЕК+“ и ја истакнале важноста на овој формат за обезбедување стабилност на нафтениот пазар и нивната посветеност на обврските преземени во рамките на ОПЕК+.
По состанокот во Ријад во средината на февруари, Русија и САД се договорија да создадат услови за целосно продолжување на билатералната соработка, да ги отстранат ограничувањата за работата на амбасадите и да започнат процес за решавање на ситуацијата во Украина.
Во Џеда, Украина и САД во вторникот предложија 30-дневен прекин на огнот, со кој Путин рече дека начелно се согласува, но дека „има нијанси“.