Би-Би-Си: Одложено ослободувањето на над 600 палестински затвореници

22.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Би-Би-Си: Одложено ослободувањето на над 600 палестински затвореници

Оваа вест доаѓа откако шест израелски заложници беа ослободени во Појасот Газа – двајца на јавни настани во Рафа и Нусејрат, а еден во приватна размена. Сите шестмина се веќе вратени во Израел, јавува Би-Би-Си.

Меѓу затворениците кои требаше да бидат ослободени денеска е и Наел Баргути, кој во затвор поминал вкупно 45 години, откако првпат бил уапсен во 1978 година поради напад врз припадник на израелската војска.

Баргути беше меѓу 1.000 затвореници ослободени во 2011 година во размена за израелскиот војник Гилад Шалит, но повторно беше уапсен во 2014 и 2017 година. По денешното ослободување, ќе биде депортиран во друга земја.

Денеска требаше да бидат ослободени и Алаа Базиан, кој поминал 42 години во затвор, и Самер Ал-Махрум, кој е затворен 38 години.

Очекувано беше и ослободувањето на Амар Ал-Забен, командант во военото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам, кој беше осуден на 27 доживотни казни затвор. Тој бил дел од ќелија на Хамас што во 1997 година извршила пет самоубиствени бомбашки напади, вклучително и три во пазарот Махане Јехуда во Ерусалим, при што загинаа повеќе од 20 Израелци, а беа повредени околу 300 луѓе.

Повеќето палестински затвореници што требаше да бидат ослободени денеска – околу 400 – биле задржани без обвинение по нападите на 7 октомври, наведува Би-Би-Си. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата