Бесент: Околу 100 земји ќе се соочат со царини од 10 проценти

4.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бесент: Околу 100 земји ќе се соочат со царини од 10 проценти

Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 проценти за околу 100 земји, изјави синоќа американскиот секретар за финансии Скот Бесент, додавајќи дека очекува „бран“ трговски договори пред крајниот рок на 9 јули, кога царините треба драматично да се зголемат.

Доколку 100 земји бидат погодени со царини од 10 проценти, тоа би било помалку од 123-те земји што првично ги проектираше администрацијата на Трамп.

Во април, американскиот претседател привремено ги намали царините за сите земји на 10 отсто за да им даде време да преговараат. Многу земји со почетна царинска стапка од 10 проценти сè уште не преговарале со Трамп, со исклучок на Велика Британија, која во мај постигна договор за одржување на стапка од 10 посто и доби преференцијален третман во некои сектори.

Главните трговски партнери кои моментално се во преговори со САД би можеле да се соочат со повисоки царини, вклучувајќи 20 отсто за Европската Унија, 26 проценти за Индија и 24 посто за Јапонија.

Другите земји кои не се во преговори со Трамп би можеле да се соочат со уште повисоки царини - вклучувајќи 50 отсто за Лесото, 47 проценти за Мадагаскар и 36 посто за Тајланд.

Во среда, американскиот претседател објави дека постигнал договор со Виетнам со кој царините за многу виетнамски стоки ќе се намалат на 20 проценти од првичните 46 отсто и ќе им се даде на многу американски стоки пристап без царина до виетнамскиот пазар.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата