Франција смета дека неодамнешните обиди за мешање во внатрешните работи на Гренланд, островот што Доналд Трамп сака да го анектира, се „неприфатливи и знак на непочитување“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, за време на посетата на Нук, главниот град на автономната данска територија.
Данската телевизија минатата недела откри дека најмалку тројца Американци, поврзани со американскиот претседател Трамп, извршиле операции за влијание на Гренланд.
Данска веднаш го повика на разговор вршителот на работи на САД.
Баро престојува во Гренланд на покана на својата колешка од Гренланд, Вивијан Моцфелт.
Шефот на француската дипломатија вчера го посети францускиот воен брод, BSAM Garonne.
Францускиот претседател Емануел Макрон го посети Гренланд во средината на јуни, за да изрази европска солидарност, а ја критикуваше желбата на Трамп да го анектира овој арктички остров.
По изборите, американскиот претседател рече дека Гренланд му е потребен за безбедноста на САД, повеќепати повторувајќи ја желбата да го анектира островот.
Властите на Гренланд тогаш одговорија дека не се на продажба и дека сами ќе одлучуваат за својата иднина.