Веста ја објави самиот австриски претседател по разговорите со лидерите на Австриската народна партија (АНП), Австриската социјалдемократска партија (АСДП) и партијата НЕОС (Нова Австрија и Либерален форум).
Ван дер Белен истакна дека има напредок и дека видел не само подготвеност за компромис, туку и фокусираност на заедничката цел за развој на Австрија. - Ова е важно бидејќи влогот е голем, додаде тој.
Претседателот на АНП, Кристијан Штокер, изрази уверување дека владината програма ќе биде финализирана наскоро. Лидерот на АСДП, Андреас Баблер, истакна дека целта е да се постигне стабилност што е можно побрзо.
Штокер нагласи дека разговорите покажале заедничка основа за компромиси и нови решенија за земјата, поради што ќе се стори сѐ за да се формира владата. Баблер додаде дека интересите на државата се поставени над партиските интереси, а целта на политиката треба да биде да го олесни животот на граѓаните.
Лидерката на НЕОС, Беате Мајнл-Рајсингер, изјави дека преговорите се во завршна фаза, но сѐ уште не се комплетирани./МИА