Националниот центар за управување со вонредни состојби (NCMC) соопшти дека се откриени 25 метеоролошки балони кои влегуваат во Литванија од соседна Белорусија, а два од нив доаѓаат директно над аеродромот, објави Би-Би-Си.
Најмалку 11 од балоните носеле 18.000 пакети цигари наменети за црниот пазар, соопшти литванската царинска гранична служба.
Портпаролот на NCMC изјави дека балони што носат шверцувана стока, цигари од Белорусија, не се ништо ново во Литванија, Латвија и Полска.
Тој додаде дека досега оваа година се регистрирани 544 балони што влегле во Литванија од Белорусија, а минатата година дури 966.
Според раководството на аеродромот во Вилнус, вчера биле откажани 30 летови поради појавата на балоните, кои требало да превезуваат 6.000 патници.
Најновото нарушување на литванскиот воздушен простор се случи во време на зголемени тензии во Европа по упадот на голем број дронови за кои се верува дека се поврзани со Русија, што доведе до прекин на воздушниот сообраќај, потсетува Би-Би-Си.
Москва негираше каква било вмешаност во неодамнешните инциденти.
Појавата на дронови со непознато потекло доведе до затворање на данските аеродроми во септември, а дронови беа забележани и во соседните Норвешка и Германија, што ги поттикна европските лидери да ги интензивираат дискусиите за зајакнување на воздушната одбрана, потсетува Би-Би-Си.