Семејствата и пријателите на жртвите од нападот на радикалната палестинска група Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година, утрово им оддадоа почит на втората годишнина од крвопролевањето со што започна војната во Појасот Газа, јавија западните агенции.
Ожалостените семејства се собраа на местото на музичкиот фестивал Нова, што беше нападнато од палестински исламисти.
Според израелските податоци, таму беа убиени 370 лица, претежно млади луѓе.
Конфликтот во Појасот Газа започна со невидениот прекуграничен напад на Хамас на израелска територија, во кој Израел вели дека вкупно 1.219 лица биле убиени, а 251 лице било земено како заложници во крајбрежната енклава.
Хамас сè уште држи 48 Израелци, од кои се верува дека 23 се живи.
Според палестинските здравствени власти, контролирани од Хамас, од почетокот на израелската офанзива на крајбрежната енклава загинаа над 67.000 Палестинци, пренесе ДПА.
Оваа бројка се смета за веродостојна од Обединетите нации и голем број меѓународни организации.